„Нема да дозволиме нашата внатрешна политика да биде насочувана, а националната волја да биде разнишана од насловните страници на списанијата…“
Туркије нема да дозволи нејзината политика да се насочува од насловните страници на списанијата, порача денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Нема да дозволиме нашата внатрешна политика да биде насочувана, а националната волја да биде разнишана од насловните страници на списанијата што се оперативен апарат на глобалните сили“, напиша Ердоган на Твитер.
Коментарите на Ердоган следуваа откако британскиот магазин „Економист“ го таргетираше турскиот претседател со насловната страница на која пишуваше „Спасете ја демократијата“, „Ердоган мора да си оди“, „Гласајте!“
Во Туркије на 14 мај ќе се одржат претседателски и парламентарни избори. На претседателското ливче гласачите ќе избираат меѓу Ердоган, кој се кандидира за реизбор, и опозициските кандидати Кемал Киличдароглу, Мухарем Инџе и Синан Оган.
Дваесет и четири политички партии и 151 независен кандидат се борат за места во 600-члениот турски Парламент.
За надворешната политика на Туркије, Ердоган рече дека со напорите на турските дипломати, земјата спроведува „самоуверена, претприемничка и хуманитарна“ политика.
„Со зголемувањето на бројот на нашите странски претставници од 163 на 260, станавме една од петте земји со најголема дипломатска мрежа во светот“, додаде турскиот претседател.
Туркије стои покрај своите браќа со сите свои средства кога е потребно, како во Либија, Сирија и Карабах, кој беше ослободен по 30 години ерменска окупација, нагласи Ердоган, додавајќи дека Анкара придонесе за решавање на регионалните кризи со Договорот за пренос на жито преку Црното Море.
„Како држава чија историја е полна со славни победи, доаѓаме на местото што го заслужуваме во меѓународниот систем.“
„… Се надеваме дека со ‘Столетие на Туркије’ ќе ги однесеме сите овие дипломатски достигнувања до врвот“, додаде Ердоган.