Ердоган: Турција никогаш не го оставила либискиот народ сам, тука сме и сега со сите наши ресурси

– Турција е покрај Либија која е погодена од разорни поплави по бурата Даниел, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Како што Турција досега никогаш не го оставила либискиот народ сам, и во овие тешки мигови, ние сме покрај нашите браќа со сите наши ресурси“, рече Ердоган во обраќањето на Симпозиумот за новиот Устав организиран од Дирекцијата за комуникации на турското Претседателство во Анкара.

Тој истакна дека Турција досега испратила во Либија три карго авиони со помош: „Нашата цел е да обезбедиме што поскоро залечување на раните на Либија.“

Над 3.000 луѓе загинаа, а илјадници се водат за исчезнати поради катастрофата која викендов се случи во источна Либија. Најпогодени се градовите Бенгази, Ал Бајда и Ал-Марџ, како и Соуса и Дерна.

– Нов Устав

Во врска со активностите за воведување нов Устав во Турција, Ердоган рече: „Не се откажавме од нашата цел за нов, цивилен, демократски, ориентиран кон слобода и инклузивен Устав за нашата земја.“

„Никогаш нема да престанеме да работиме, да се трудиме и да се бориме додека не го претставиме новиот Устав, кој е еден од елементите на нашата визија за ‘Столетието на Турција’, на нашиот народ.“

Тој додаде: „Им се обраќам на сите политички партии, граѓанското општество и академската фела – ајде да разговараме, да дискутираме и да преговараме за да го најдеме најидеалниот текст на Уставот“.

Ердоган истакна дека целта на новиот документ е давање приоритет на луѓето и го одразува диверзитетот и богатството на турската нација.