Ердоган упати честитка по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати честитка по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам, односно празникот на жртвувањето.

„Посакувам Курбан бајрам да донесе благослов за нашите семејства, нашата нација, исламскиот свет и целото човештво. Празниците се благословени денови кога ние како народ се сеќаваме на нашето единство и нашето вечно братство“, рече Ердоган во видеопораката.

Според него, Курбан бајрам е време кога духот на солидарноста и споделувањето го достигнува својот врв.

„Верувам дека Курбан бајрам дополнително ќе ја зајакне атмосферата на братство меѓу нашите граѓани во овие месеци кога нашите срца горат поради земјотресите од 6 февруари“, додаде Ердоган.

Мнозинство муслимански земји низ светот, вклучително и Туркије, ќе го одбележат четиридневниот празник почнувајќи од среда.

Што претставува курбанот?

Празнувањето на Курбан бајрам започнува со бајрамската молитва во раните утрински часови во џамија, продолжува со колењето на курбаните и со посета на најблиските роднини, соседи и пријатели.

Обичајот на принесувањето жртва – курбан, кој има симболика на приближување кон Бога, го изведуваат сите што имаат можност за тоа.

Оние што принеле жртва, потоа од месото им раздаваат на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот – на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман.

Колењето на курбаните треба да се изврши на начин на кој животните треба да се третираат добро, да не се измачуваат и да се зачува чистотата на околината.

ТРТ БАЛКАН