Ердоган ја повика Германија да работи на ослободување на Палестинците што ги држи Израел

– Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денес ја повика Германија да преземе чекори за ослободување на илјадници Палестинци во израелските затвори.

„Израел држи речиси 10.000 заложници. Како Германија, преземете чекори да ги ослободите. Ние ќе се потрудиме за оние кои ги држи Хамас во моментов“, рече Ердоган обраќајќи се денес на Генералното собрание на националната турска студентска унија.

Претседателот на Туркије вчера престојуваше во еднодневна службена посета на Берлин, каде се состана со германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот Франк Валтер Штајнмаер.

Во своето обраќање Ердоган истакна: „Целиот свет и христијанската империјалистичка структура се заедно. За жал, тоа го видов за време на мојата посета на Германија, тоа го видот и кај претседателот.“

„Израел е терористичка држава“, порача турскиот претседател Ердоган и додаде дека Нетанјаху е „на заминување“.

Претседателот на Туркије рече дека ќе бидат вложени напори за да се поднесат обвиненија за геноцид во Појасот Газа до релевантните инстанци со повеќе од 2.000 адвокати, додавајќи дека моменталната ситуација во Палестина воопшто не можеме да се игнорира, и дека ќе се плати цената за тоа.

Зборувајќи за бомбардирања на Газа и израелските обиди да ги оправдаат своите постапки, Ердоган истакна: „Израел низ многу лаги се обидува да ја легитимира својата окупација. Со измислени изговори се обидува да ги прикрие воените злосторства што ги стори во Газа.“

„Израел влегува во болница со тенкови и топови. Сѐ уште бара тунели под болницата. Се покажа дека сето тоа било лага, изговор“, рече турскиот претседател.

Ердоган во своето обраќање порача: „Итен прекин на огнот во Газа е клучен. Наша цел со прекин на огнот е траен мир. Ќе бараме надомест од Израел за нанесената штета.“

Инаку, Израел држи илјадници палестински затвореници во административен притвор, без право на судење.

Хамас на 7. октомври изведе напади врз делови на Израел и одведе заложници во палестинската енклава.

Израел потоа започна да спроведува немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници, во кои уби најмалку 12.000 Палестинци. Службен број на мртви во Израел изнесува околу 1.200.

Илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во израелските напади.