Ерменија подготвена да го признае Нагорно Карабах како дел од Азербејџан

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денес истакна дека Ереван е подготвен да го признае „Нагорно-Карабах“ како дел од Азербејџан, под услов да се осигури безбедноста на ерменското население во регионот.

„Ерменија ги признава 86.600 квадратни километри на Азербејџан под претпоставка дека Азербејџан е подготвен да го признае територијалниот интегритет на ерменските 29.800 квадратни километри. Територијата на Азербејџан од 86.600 квадратни километри го вклучува Нагорно-Карабах“, рече Пашинјан на прес-конференцијата во главниот град Ереван.

Изјавите на Пашинјан дојдоа една недела откако учествуваше во разговорите со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев со посредство на претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, во Брисел.

Односите меѓу двете поранешни советски републики Ерменија и Азербејџан се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно-Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан и седум соседни региони.

Есента 2020 година, во 44-дневни судири, Азербејџан ослободи неколку града, села и населби од ерменска окупација. Мировниот договор постигнат со посредство на Русија беше прославен како триумф во Азербејџан.

Ерменскиот премиер Пашинјан понатаму додаде дека потенцијалното повлекување на Ерменија од Организацијата на договорот за колективна безбедност (CSTO) останува на агендата на Ереван, но само ако организацијата стане „неспособна“.

„Ако Ерменија де јуре одлучи да се повлече од Организацијата на договорот за колективна безбедност, тогаш тоа ќе се случи откако Ерменија ќе забележи дека организацијата ја напуштила Ерменија. Таква агенда постои доколку организацијата стане неактивна. Тогаш ќе треба сами да одлучуваме за нашите безбедносни прашања“, додаде Пашинјан.

Организацијата на договорот за колективна безбедност (CSTO) е меѓувладина воена алијанса во Евроазија што ја сочинуваат шест постсоветски држави: Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан.

ТРТ БАЛКАН