Ерменските борци во Нагорно-Карабах почнаа да го предаваат оружјето

Ерменските борци во Нагорно-Карабах почнаа да го предаваат оружјето откако беа брзо поразени од азербејџанските сили оваа недела, соопштија руските власти, пренесуваат агенциите.

По договорот за прекин на огнот договорен во средата, првото оружје и воена опрема им беа предадени на руските војници во конфликтниот регион во Јужен Кавказ, соопшти синоќа Министерството за одбрана во Москва. Досега има две прекршувања на прекинот на огнот, но нема повредени, пренесува ДПА.

Брзата 24-часовна воена операција на Азербејџан ги принуди етничките Ерменци во Карабах во средата да прифатат понижувачки договор што поттикна повици за оставка на ерменскиот премиер Никол Пашињан.

Азербејџан најави дека ќе ги амнестира сите ерменски борци од Нагорно-Карабах кои ќе го предадат оружјето, а азербејџанскиот претседател Илхам Алиев вети дека ќе ги гарантира правата на ерменското население во тој регион, нагласувајќи дека тој ќе биде претворен во „рај „како дел од Азербејџан. „Правата на Ерменците од Карабах ќе бидат почитувани како дел од нивната интеграција во Азербејџан“, рече советникот на претседателот, најавувајќи испраќање хуманитарна помош во Карабах.

Нагорно-Карабах – каде што живеат околу 120.000 жители – лежи на територијата на Азербејџан, но е населен со ерменско мнозинство и долго време е предмет на борби меѓу двете поранешни советски републики.

Азербејџанската армија во вторникот почна операција за заземање на регионот, по што еден ден подоцна следеше предавање на Ерменците од Карабах. Многу Ерменци ја обвинуваат нивната традиционална заштитничка Русија, која има свои војници стационирани на терен, дека ги напуштила.

Ерменски извори тврдат дека за време на еднодневните борби загинале повеќе од 200 луѓе, а повеќе од 400 биле повредени.

Страв од прогон

Десетици илјади ерменски цивили во регионот сега стравуваат од протерување или прогон од страна на новите азербејџански власти, а Ерменија се подготвува за можна евакуација. Ерменскиот премиер Пашињан рече дека земјата се подготвила за евентуално пристигнување на 40.000 бегалци, иако би било подобро ако Ерменците од Карабах можат да останат во своите домови.

Меѓутоа, тоа можеби нема да биде возможно, рече тој на седницата на владата. „Доколку ситуацијата се влоши, ова прашање ќе биде на дневен ред за сите нас“.

По неколку месеци напнатост, Азербејџан излезе како победник од воената операција на спорната територија во Јужен Кавказ што ја започна во вторникот. Пристапната рута, позната како Лачински Коридор, е блокирана од Баку со месеци, што доведе до услови кои локалното население ги опиша како катастрофални.

Како и претходните денови, вчера во Ереван се одржаа протести на Ерменците незадоволни од однесувањето на нивните политички лидери.

ЕУ обезбеди хуманитарна помош

Во меѓувреме, Европската унија обезбеди 500.000 евра хуманитарна помош за луѓето погодени од конфликтот во Нагорно-Карабах, соопшти вчера Европската комисија.

– Ескалацијата на конфликтот во Нагорно-Карабах имаше сериозни последици за цивилите, изјави европскиот комесар за кризи Јанез Ленарчич.

– Додека ЕУ го поздравува прекинот на огнот, ние силно ги повикуваме сите страни во конфликтот да обезбедат непречен и непосреден пристап за хуманитарните организации, додаде тој.

– Мораме да обезбедиме хуманитарните работници да можат да пружат итна помош на луѓето на кои им е потребна, рече Ленарчич.

Парите се наменети за покривање на основните потреби, засолниште и психолошка поддршка, се наведува во соопштението.

– ЕУ и нејзините земји-членки се подготвени да обезбедат итна хуманитарна помош, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, во обраќањето пред Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк во четвртокот вечерта.

Борел ја изрази својата „целосна солидарност со Ерменците од Карабах, кои минуваат низ период на интензивни тешкотии“ и рече дека „Азербејџан сноси одговорност да обезбеди целосно почитување на правата и безбедноста“ на локалното население.