ЕРУПИРАЛ ПО ЧЕТВРТ ПАТ ОД ДЕКЕМВРИ: Вулкан на Исланд исфрлил голема количина лава

Вулкан на полуостровот Рејкјанес на Исланд еруптираше по четврти пат од декември, исфрлајќи големи количини лава во воздухот, што предизвика евакуација на локалните жители и прогласување вонредна состојба.

Се верува дека тоа е најсилната ерупција од декември, а лавата стигнала до источните одбранбени ѕидови околу евакуираниот град Гриндавик, објавија локалните медиуми.

 Луѓето беа евакуирани и од популарното туристичко место, спа центарот Сина лагуна (Blue Lagoon). Засега воздушниот простор над Исланд е отворен, јави Би-Би-Си.

Вулканот последен пат еруптираше на почетокот на февруари, што доведе до прекин на централно греење за 20.000 луѓе, додека лавата уништи патишта и цевководи.

Тоа е седма ерупција во областа Рејкјанес од 2021 година. Исланд е сеизмичко и вулканско жариште, бидејќи се наоѓа помеѓу евроазиските и северноамериканските тектонски плочи, кои се движат во спротивни насоки.

Во Исланд има повеќе од 30 активни вулкани.