Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, ја коментираше оставката на Александар Вулин и рече дека Америка не одлучува за решенија во име на Владата на Србија.
Дестабилизирачка фигура
Кога станува збор за Вулин, Ескобар рече дека е познато мислењето на САД за овој функционер.
– Нашиот став за господинот Вулин е многу јасен, тој долго време е многу дестабилизирачка фигура во регионот и знаете дека нашите санкции беа засновани на тоа – рече тој во интервју за македонскиот сервис на Гласот на Америка.
Истото го соопшти и американската амбасада во Белград.
– Нашиот став за Вулин е добро познат. Тој останува под санкции на САД. Со нетрпение очекуваме да продолжиме да го продлабочуваме нашето партнерство со Србија на патот кон нејзината целосна интеграција во Европа и евроатлантската заедница – се наведува во писмената реакција на портпаролот на амбасадата на Соединетите Американски Држави во Белград.
Вулин ги објави причините за оставката
Потсетуваме, Вулин во својата изјава ги соопшти и причините поради кои се повлекува.
– Од нас се бара да го признаеме Косово, да ја напуштиме Република Српска и да престанеме да бидеме суверена држава и нација со воведување санкции кон Руската Федерација. Доколку се согласат на тоа, следното барање би било протерување на кинеските инвестиции, безусловна технолошка и економска зависност од Западот, како и продолжување на политичкото и територијално распаѓање на Србија и прифаќање на западните вредности во кои има не е место за традиционалното семејство и нација, а во крајна линија ниту за социјална правда – се вели во соопштението на Вулин.