– АД ЕСМ информира дека цевките од топловодот од РЕК Битола се поставени под магистралниот пат Битола – Новаци. Градежниот зафат, велат од компанијата, беше подготвуван речиси еден месец и претставуваше еден од сериозните предизвици со кои се соочија изведувачите на топловодот, фирмите Гранит и Рапид билд.
– Паралелно со пробушувањето на трасата на топловодот под регионалниот пат Битола – Новаци, во тек се подготовките за поминување на цевките под реката Црна, во непосредна близина на Новаци. И овој зафат е подготвуван подолго време, при што се искористени најдобрите светски практики за вакви ситуации, информираат од АД ЕСМ.
Во останатиот дел од трасата, топловодот од РЕК до Битола е поставен, речиси без проблеми, во должина од околу 12 километри. Цевките за топлификацијата се поставени до индустрискиот дел од градот од каде продолжува нивното поставување во насока на улица „Партизанска“ и на улицата „Иван Милутиновиќ“.