Земјите од ЕУ и доставија на Украина во изминатите месеци 1.300 проектили и 220.000 од планираните еден милион проектили. Тоа го соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по денешната средба на европските министри за одбрана во Брисел. Тој истакна дека во генералната набавка на проектили учествуваат 24 од 27 земји во ЕУ.
-Сакаме земјите од ЕУ да снабдуваат од нивните залихи, а потоа, со зголемување на производството, да се вратат залихите, објасни Борел.
Според него, во ЕУ има можности да се прошири производството на муниција во потребните количини. Тој ги повика Советот на ЕУ и Европскиот парламент да го одобрат предлогот на Европската комисија за обезбедување средства за проширување на производствените капацитети.
-Се надевам дека оваа недела ќе бидат надминати пречките за исплата на следните суми за општата воена помош за Украина, изјави Борел.