ЕУ ги анализира мотивите на Приштина за прогласување на еврото за единствено платежно средство во Косово
– ЕУ се уште ги анализира и ги бара разјаснување за причините, мотивите и можните последици од одлуката на властите во Приштина за прогласување на еврото како единствена валута што ќе се користи во Косово, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
– Во основа, од Косово и Србија се очекува да избегнуваат преземање на некоординирани постапки кои не придонесуваат за нормализација на односите и кои може да имаат негативно влијание врз стабилноста на теренот, изјави Стано во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ во врска со одлуката на Приштина „за забрана на користењето на други валути освен еврото во Косово“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Стано додаде и дека ЕУ ги повикува двете страни ова прашање да го решаваат во рамки на дијалогот, што се спроведува под нејзино покровителство.
Косовската Централна банка донесе уредба според која од 1 февруари единствена валута што ќе се користи во готовина и за платежни трансакции во Косово ќе биде еврото.
Еврото и сега се користи како валута во најголемиот дел на Косово, освен во реоните каде мнозинството од населението се Срби, каде во употреба е српскиот динар. Во општините со српско мнозинство на северот од Косово, во динари се исплаќаат платите на вработените во државните институции, пензиите, детските додатоци или социјалната помош, а и цените во трговските објекти се изразени во српската национална валута.