– Европската Унија вчера го повика Косово да ги прекине полициските операции во северните српски општини и да распише предвремени локални избори.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти вчера во Брисел одржаа одделни средби со шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. за да најдат решение за актуелните тензии меѓу нивните земји, како дел од разговорите олеснети од ЕУ.
Состанокот за дијалогот Белград-Приштина го свика Жозеп Борел. Заедно со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, Борел се состана со страните на одделни состаноци.
Зборувајќи со новинарите, Борел рече дека тие ги презентирале очекувањата на блокот пред партиите.
„Косово веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово, а четворицата (албански) градоначалници привремено да ги извршуваат своите должности во простории надвор од општинските згради. Србија да обезбеди демонстрантите да се повлечат од општинската зграда истовремено со повлекувањето на косовската полиција“, рече тој.
„Двете земји да распишат предвремени (локални) избори, колку што е можно поскоро, во сите четири општини, со безусловно учество на косовските Срби“, нагласи Борел, додавајќи дека главен проблем се изборните резултати во северните општини.
„Тука е суштината на проблемот и суштината на решението: предвремени избори. Нови избори, колку што е можно поскоро, со целосно учество“, додаде тој.
Тензиите во Косово се зголемија минатиот месец по изборот на градоначалници етнички Албанци во четири северни области во кои доминира српското население.
Косовските Срби ги бојкотираа вонредните избори за локална самоуправа за четири општини во северниот дел на земјата. Според Косовската Централна изборна комисија (ЦИК), гласале само 3,47 отсто од гласачите со право на глас.
По изборите, ЕУ соопшти дека слабиот одѕив на општините не им обезбедил долгорочни политички решенија.
Етничките Срби протестираат против изборот на градоначалници од крајот на мај.
По средбата претседателот Вучиќ за новинарите изјави дека Србија се соочува со двојни стандарди бидејќи сè што важи за Украина не важи за Србија.
„Сè што се однесува на Украина не важи за Србија, но тоа е право на посилниот, на што треба да се навикнеме“, рече тој.
Тој додаде дека Косово е „дете на голем број земји на ЕУ што ја признаваат неговата независност“.
„Мора да го разбереме тоа. (Косово) е нивно дете. Го создадоа и се грижеа за него од почеток . Па, малку порасна. Тинејџерот сега е палав. Достигна луди години, како што тие мислат, не е нешто поопасно, но тие сѐ уште го чуваат“, рече Вучиќ.
Меѓу другото, Курти рече дека е за предвремени избори.
„Отворени сме за предвремени избори, но мора да има законско решение за ова. Тоа не може да биде незаконско. На пример, да го направиме тоа со потписи на граѓаните, како што предвидува законот, за да завршат должностите на градоначалниците. Тоа е законско решение, не може да произведуваме незаконски решенија“, налгаси Курти.
На 30 мај НАТО одлучи да распореди уште 700 војници во КФОР, мировната мисија на Алијансата во Косово, откако 30 нејзини војници беа повредени среде немирите.
Тензиите повторно се појавија по приведувањето од страна на Косово на еден од организаторите на нападот на мировните сили на НАТО на 29 мај, кои беа распоредени среде српските немири околу поставувањето градоначалници етнички Албанци во нивната област.
Србите се собраа во Северна Митровица и се обидоа да ја спречат косовската полиција да дејствува, а во судирот што следуваше полесно беа повредени тројца полицајци.
Според Вучиќ, против Србија се води „хибридна војна“.
Тој рече дека тековниот процес на дијалог за нормализација на односите со Косово не може да продолжи со Курти.
Србија минатата недела приведе тројца косовски полицајци, велејќи дека „планирале акција во Србија“.
Косово тврдеше дека нивните офицери биле киднапирани.
ЕУ бара Косово и Србија да постигнат конечен договор и да ги решат споровите меѓу нив за да напредуваат во нивната интеграција во блокот.
Повеќето земји членки на ОН, вклучително САД, Велика Британија, Франција, Германија и Туркије, го признаа Косово како земја одвоена од нејзиниот сосед кога Приштина прогласи независност пред 15 години, но Белград продолжува да го смета за своја територија.