ЕУ го усвои 11-тиот пакет санкции против Русија поради војната во Украина

– Европската Унија (ЕУ) денес го усвои 11-тиот пакет санкции против Русија поради војната во Украина, пренесува Анадолу.

Советот на Европската Унија преку соопштение објави дека вовел „мерки за зајакнување на постоечките санкции на ЕУ и за спречување на нивно заобиколување“.

Европската Унија со одлуката стави на црна листа уште 87 субјекти кои „директно го поддржуваат рускиот воен и индустриски комплекс“, кои ќе мора да се соочат со построги ограничувања за извозот на стоки и технологии со двојна употреба.

На листата се наоѓаат четири ирански компании кои доставуваат воени беспилотни летала за Русија, како и компании од други земји кои придонеле за заобиколување на забраната за трговија.

Европскиот блок, исто така, го забрани транзитот преку руската територија на повеќе стоки и технологија произведени во ЕУ кои можат да се користат за воени цели. Исто така, продолжена е забраната за транспорт на руска стока на приколки и полуприколки регистрирани во Русија и забраната за застанување на пристаништата на ЕУ за сите пловни објекти кои вршат пренос од брод на брод.

Со одлуката беше одземена и дозволата за емитување на пет медиуми тесно поврзани со руската држава.

Во меѓувреме, ЕУ воведе нови таканаречени „мерки во последна инстанца“ кои можат да ја ограничат трговијата со стоки или технологија на трети земји, доколку се утврди дека тие „значително и систематски“ ги заобиколуваат санкциите на ЕУ.

Претходните санкции ги имаа како цел рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, меѓу другите, и забрануваат увоз на злато, нафта и јаглен и извоз на луксузни стоки и високотехнолошка технологија, како и исклучување на руските и белоруските банки од меѓународниот платен систем СВИФТ.