Комисијата забележува дека има „значаен напредок“ во билатералните односи од потпишувањето на сеопфатниот договор за соработка со Ереван во 2017 година.
Преговорите за визите се очекува да бидат придружени со промени во издавањето лични документи за ерменските граѓани, со подобрувања во управувањето со границите и миграцијата, во борбата против корупцијата и организираниот криминал, со почитување на основните човекови права.
Од 2014 година, ЕУ за граѓаните на Ерменија воведе олеснет режим за издавање визи. Сите граѓани на ЕУ патуваат без виза во Ерменија, додава ЕК.
Преговорите ќе продолжат по потреба, нема да има автоматска транзиција кон безвизно патување за Ерменците, додаваат од комисијата.
Сите показатели мора да бидат целосно исполнети пред Советот на ЕУ да изгласа конечна одлука за укинување на визите и оваа одлука да биде потврдена од Европскиот парламент, се наведува во соопштението.
Во април годинава, ЕК претстави план за подобрување на економијата на Ерменија во вредност од 270 милиони евра до 2027 година.