Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Париз најави пакет од 500 милиони евра за привлекување странски истражувачи, за периодот 2025-2027 година.
„Можам да објавам дека ќе предложиме нов пакет од 500 милиони евра за периодот 2025-2027 година за да ја направиме Европа магнет за истражувачи. Ова ќе помогне во поддршката на најдобрите и најпаметните истражувачи и научници од Европа и од целиот свет“, изјави Урсула фон дер Лајен на конференцијата во Париз по повод започнувањето на иницијативата „Избери ја Европа за наука“.
Таа, исто така, ја изрази волјата на ЕУ да ја достигне целта од три проценти од БДП за инвестиции во истражување и развој до 2030 година, додавајќи дека ќе создаде и нов седумгодишен „супер-грант“ во рамките на Европскиот истражувачки совет за да им понуди на водечките научници долгорочна перспектива.
Ова се случува во време кога тензиите меѓу сегашната американска администрација и елитните универзитети се интензивираа околу прашања како што се приемот, практиките за вработување и надзорот врз наставните програми.
Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, ги сметаше овие политики за погрешни.
„Никој не можеше да замисли пред неколку години дека една од најголемите демократии во светот ќе ги откаже истражувачките програми под изговор дека во нив се појавува зборот „разновидност“. Никој не можеше да помисли дека една од најголемите демократии во светот ќе ја откаже можноста за издавање визи на овој или оној истражувач, понекогаш и на оние кои придонеле за сопствената дигитална безбедност“, рече Макрон.