ЕУ одобри фонд од 150 милијарди евра за одбрана од Русија

Европските министри денес го одобрија создавањето на фонд за одбрана од 150 милијарди евра, поради загриженоста за иден руски напад и сомнежите во врска со безбедносните обврски на САД кон ЕУ.

Одобрувањето од страна на министрите беше последниот правен чекор во воспоставувањето на шемата „Безбедносна акција за Европа“ (SAFE), која е поддржана од заедничко задолжување од ЕУ и ќе исплаќа заеми на европските земји за заеднички одбранбени проекти, објави Ројтерс. 

Европската комисија го предложи фондот во март, бидејќи меѓу европските лидери растеа стравувањата и сомневањата дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп нема да застане во одбрана на Европа во случај на потенцијален напад.

Алармирани од руската инвазија на Украина и стравувајќи дека би можеле да бидат следната цел на Москва, земјите од ЕУ веќе ги зголемија трошоците за одбрана за повеќе од 30 проценти во последните три години, но лидерите на ЕУ тврдат дека тоа не е доволно.

Иницијативата SAFE има за цел да ги сруши националните бариери преку финансирање на заеднички проекти меѓу земјите од ЕУ и силно препорачува купување на европско оружје, со цел зајакнување на одбранбената индустрија во Европа.