ЕУ очекува новата влада да направи уставни измени и да го почитува Договорот од Преспа

Уставните измени и почитувањето на Договорот од Преспа треба да бидат во фокусот на новата влада. Портпаролката на Европската комисија вели дека ќе соработуваат и со владата на Мицкоски во исполнувањето на клучните реформи неопходни за движење на Македонија на европскиот пат, но со јасна порака што се очекува од земјава.

„Пораката е многу јасна, Македонија треба максимално да го искористи моментумот што постои за проширувањето да продолжи напред на нејзиниот пат кон ЕУ. Европскиот совет јасно стави до знаење што очекува од Македонија, ова секако се однесува и на уставните промени за кои Македонија се обврза да напредува на патот кон ЕУ. Жал ни е за неупотребата на уставното име од страна на некои од лидерите на Македонија, тоа е обврска преземена од Договорот од Преспа. Јасно е дека сите страни мора да ги почитуваат одредбите од договорот и да ги спроведуваат со добра волја“, вели Ана Писонеро.

Поранешниот грчки премиер Ципрас, кој вчера претседаваше со Комитетот за Западен Балкан на Советот на Европа, бара меѓународната заедница и особено Европската унија јасно да ги изразат последиците од непочитувањето на Договорот од Преспа во регионот и особено за иднината на Македонија.

„Борбата против национализмот и дестабилизацијата во регионот мора да се води активно, а тоа на прво место значи поддршка на Договорот од Преспа и динамична дипломатска улога на ЕУ на Западен Балкан пред таа целосно да го изгуби својот кредибилитет. Меѓународната заедница и особено ЕУ мора јасно да ги кажат последиците што ќе ги има непочитувањето на Договорот во регионот и особено во иднината на Македонија“, рече Ципрас.

За премиерот Мицкоски употребата на зборот „Северна“ е затворена работа. Останува на ставот дека Договорот од Преспа ќе се почитува само во официјален контекст, став што беше поздравен и од Стејт департментот.

Во период на заладени односи меѓу двете земји, на самитот на НАТО во Вашингтон од 9 до 11 јули се очекува првата средба меѓу Мицкоски и Мицотакис.