Европската комисија (ЕК) денес предложи 18-ти пакет санкции против Русија, главно насочени кон руските приходи од енергија и банкарскиот сектор.
„Предлагаме 18-ти пакет строги санкции, насочени во суштина кон два сектора, рускиот енергетски сектор и банкарскиот сектор. Ги прошируваме забраните за извоз и ги зајакнуваме мерките против заобиколување на санкциите“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Извршното тело на ЕУ за прв пат предлага забрана за трансакции со гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, како и намалување на максималната цена по која може да се продава руска нафта од 60 на 45 долари за барел.
Намалувањето на максималната цена за продажба на руска нафта е мерка усвоена од групата Г7, која ќе разговара за тоа на самитот во Канада оваа недела.
Новиот пакет санкции вклучува дополнителни 77 бродови кои се дел од таканаречената руска флота во сенка, бродови кои пловат под знамиња на трети земји и кои ги користи Русија за заобиколување на санкциите. На листата веќе има 342 брода.
Фон дер Лајен изјави дека на почетокот на војната, руските приходи од извоз на енергија во Европа изнесувале 12 милијарди евра месечно, но благодарение на досегашните санкции, тие паднале на 1,8 милијарди евра. „Тоа е сè уште премногу“, рече таа, додавајќи дека една третина од приходите на Русија доаѓаат од продажба на нафта.
Во банкарскиот сектор, ЕК ја проширува забраната за пристап до SWIFT, систем за размена на комуникации меѓу банките, до целосна забрана за трансакции.
Се предлага и забрана за извос во Русија во вредност од над 2,5 милијарди евра, што би го оневозможило пристапот на руската економија до критични технологии и индустриски стоки, вклучувајќи машини, метали, пластика и хемикалии.
Со неа се ограничува и извозот на стоки и технологии со двојна употреба што се користат за производство на беспилотни летала, ракети и други системи за оружје. Санкциите се насочени и кон 22 руски и странски компании кои обезбедуваат директна или индиректна поддршка на рускиот воено-индустриски комплекс.
Земјите-членки, кои треба едногласно да го потврдат пакетот санкции, започнуваат дискусии за предлогот оваа недела.