Европската унија планира да воведе царини за стоки од САД во вредност од 100 милијарди евра доколку преговорите не успеат.
ЕУ планира да воведе царини за стоки од Соединетите Американски Држави во вредност од 100 милијарди евра доколку преговорите меѓу Вашингтон и Брисел не успеат во врска со евентуалното намалување на најавените американски царини за членовите на Унијата, објави Блумберг, повикувајќи се на неименувани добро информирани извори.
Изворите велат дека листата со предложени нови европски тарифи против САД ќе биде дистрибуирана до земјите-членки уште утре и дека консултациите ќе траат еден месец пред финализирањето на листата.
Тие изјавија дека списокот може да се промени во тој период.
Европската комисија (ЕК) ќе го сподели тој документ со САД оваа недела за да се обиде да започне преговори за намалување на американските царини со ЕУ.
Преговорите меѓу ЕУ и САД, кои започнаа минатиот месец, постигнаа мал напредок и се очекува повеќето американски царини да останат на сила, објави Блумберг.
ЕУ веќе воведе царини за американски стоки во вредност од 21 милијарда евра како одговор на царините од 25 проценти на американскиот претседател Доналд Трамп за извоз на челик и алуминиум.
ЕУ претходно овој месец се согласи да го одложи спроведувањето на тие мерки за 90 дена откако САД ја намалија таканаречената реципрочна стапка за поголемиот дел од извозот на ЕУ од 20 проценти на 10 проценти, додека траат преговорите.
Трамп, исто така, воведе царина од 25 проценти на увозот на автомобили од ЕУ, како и на некои автоделови.
Американскиот претседател размислува за воведување царини за увоз на дрва, фармацевтски производи, полупроводници, ретки минерали и камиони од ЕУ.