ЕУ предложи воведување на дигиталното евро

Европската унија (ЕУ) во средата го направи првиот голем чекор кон лансирање на дигитална верзија на еврото, контроверзен проект кој беше доведен во прашање од политичарите и банките.

Европската комисија предложи создавање рамка за можно воведување на дигиталното евро и предлог да се обезбеди задолжително прифаќање на готовинските плаќања, со цел да се отфрлат стравувањата на многумина дека дигиталната валута може целосно да го замени готовината.

Комисијата, исто така, предложи дигиталното евро, дематеријализирана валута, да добие статус на законско средство за плаќање во еврозоната, а овој статус во моментов го имаат само евро банкнотите и монетите.

Од Кина до САД, Јамајка до Јапонија, повеќе од 100 централни банки ширум светот истражуваат или се подготвуваат да воведат дигитални валути како што растат електронските плаќања, менувајќи го начинот на кој луѓето ги трошат своите пари.

Потегот за создавање дигитална верзија на заедничката валута започна во 2020 година кога претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, ја предложи идејата и банката започна јавна консултација.

На 28 јуни, Европската комисија, извршното тело на ЕУ, објави предлог кој ќе биде правна основа на која ЕЦБ би можела да го лансира дигиталното евро.

Валутата ќе биде достапна за поединци кои живеат во еврозоната и посетителите. Тоа ќе обезбеди дополнителна опција за плаќање за граѓаните да користат онлајн и офлајн со нивните дигитални паричници, нудејќи ја истата анонимност како монетите и банкнотите.

Конечниот закон мора да го поддржат 27-те земји-членки на ЕУ и Европскиот парламент.