ЕУ сака да ја прекине зависноста од Америка: Брисел објави план за купување повеќе европско оружје, а Канада би се приклучила
Европската унија во средата објави план за ставање крај на својата одбранбена зависност од Соединетите држави, со фокус на купување повеќе оружје во Европа, а има знаци дека Канада може да се приклучи.
Европската комисија ја претстави својата безбедносна стратегија „Подготвеност 2030“, во која главната грижа е заканата од руска агресија. Разузнавачките проценки на НАТО сугерираат дека Русија би можела повторно да нападне земја во Европа за три до пет години.
Минатиот месец, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше дека безбедносните приоритети на САД лежат на друго место – на сопствените граници и во Азија, и дека Европејците ќе мора да се грижат за себе и за Украина. Тогаш најголемата копнена војна во Европа во последните децении влезе во својата четврта година.
Според стратегијата на ЕУ, нејзините членки ќе бидат повикани да купат поголем дел од својата воена опрема во Европа, работејќи главно со европски добавувачи, во некои случаи со помош на ЕУ за намалување на цените и забрзување на испораката. Опремата од надвор од Европа треба да се купува само кога е пожелно од онаа од ЕУ поради цена, перформанси или доцнење на испораката.

Во последниве години, 27-те земји на ЕУ доставија околу две третини од своите нарачки на американски одбранбени компании. За да се квалификуваат за новите заеми, тие ќе треба да купат најмалку 65 отсто од нивната опрема од добавувачи во ЕУ, Норвешка или Украина.
„Безбедносната архитектура на која се потпиравме повеќе не може да се зема здраво за готово“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Треба да купиме повеќе европски. Затоа што тоа значи зајакнување на европската одбранбена, технолошка и индустриска база. Тоа значи стимулирање на иновациите. А тоа значи создавање пазар за одбранбена опрема низ ЕУ“, додаде таа.
Стратегијата наликува на шемата „Реповер ЕУ“ што комисијата ја предложи во 2022 година за да се одвикне од рускиот природен гас, откако претседателот Владимир Путин им нареди на своите сили да влезат во Украина и ја искористи енергијата како оружје за да се обиде да ја поткопа поддршката на ЕУ за Киев.
Оваа стратегија доведе до намалување на зависноста на ЕУ од увозот на руски гас од 45 отсто во 2021 година на 15 отсто во 2023 година.