ЕУ соопшти дека имаат силен план за одмазда против Трамп: „Сите карти се на маса“

Европската унија има силен план да возврати на тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, но повеќе би сакала да преговара, изјави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Од 2 април Трамп се закани дека ќе воведе високи царини за сите увезени стоки од различни делови на светот. Неговата администрација во март воведе царини за увезениот челик и алуминиум и рече дека повисоките царини за автомобилите ќе стапат на сила во четврток.

Фон дер Лајен, говорејќи во Европскиот парламент во вторникот, рече дека следните сектори што ќе се соочат со царини ќе бидат полупроводниците, фармацевтските производи и дрвната индустрија.

Таа рече дека многу Европејци се чувствуваат „целосно обесхрабрени“ од американските најави.

„Европа не ја започна оваа конфронтација. Ние не мора да сакаме да возвратиме, но доколку е потребно имаме силен план за одмазда и ќе го искористиме“, рече таа.

Без да открива детали, таа рече дека „сите инструменти“ – сите контрамерки – се на маса.

„Европа има многу карти. Од трговија до технологија до големината на нашиот пазар. Но, оваа сила е изградена и на нашата подготвеност да преземеме силни контрамерки доколку е потребно“, рече таа.

По објавувањето на царините за челик и алуминиум во март, Комисијата соопшти дека ќе воведе контрамерки за до 26 милијарди евра американски стоки.

Официјалните претставници на ЕУ не ја отфрлија можноста за одмазднички мерки против американските служби, како што е суспензијата на правата на интелектуална сопственост. Теоретски, одмаздата може да биде насочена кон американските технолошки компании, банки и даватели на финансиски услуги.