ЕУ: “Судските реформи во Израел мора да ја зачуваат независноста на судството“

Спроведувањето на судските реформи и нивниот опсег се во надлежност на самите Израелци, но важно е при тоа да се зачуваат основните вредности на кои се заснова партнерство меѓу ЕУ и Израел, а кои вклучуваат и поделба на власта и владеење на правото, чиј суштински елемент е независното судство“, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Европската Унија ја повикува израелската Влада да продолжи да бара широк консензус и да се стреми кон инклузивен процес. Важно е да се постигне компромис кој би бил прифатлив за израелските граѓани и политичките партии“, се наведува во соопштението.

ЕЕАС наведува дека Европската Унија внимателно и со загриженост ги следи случувањата во Израел поврзани со судските реформи.

Тековните дебати и протести се знак дека значителен дел од израелското население е загрижено за реформите и дека Израел е енергична демократија“, се додава во соопштението.

Израел се соочува со масовни протести иницирани од спорниот пакет закони за реформа на судството, од кои првиот беше усвоен во понеделникот и со кој се ограничуваат овластувањата на Врховниот суд.

Протестите започнаа на почетокот на јануари веднаш штом Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го објави реформскиот план, на кој забелешки упати и најблискиот израелски сојузник САД.

Според противниците на предложените реформи, Владата, која ја сочинуваат конзервативната партија Ликуд на Бенјамин Нетанјаху и неколку помали ултранационалистички и ултраортодоксни еврејски религиозни партии, со законските измени се обидува да ја зајакне контролата врз судскиот систем.