ЕУ ќе постави етички стандарди за претставниците на ЕУ по корупциските скандали

Извршната власт на ЕУ препорача создавање меѓуинституционално етичко тело кое ќе има задача да ги развива и следи заедничките стандарди за сите членки на институциите на ЕУ.

 Европската комисија денеска предложи да се постават заеднички етички стандарди за институциите на Европската Унија (ЕУ), откако неколку претставници на ЕУ неодамна беа вмешани во корупциски скандали.

Извршната власт на ЕУ препорача создавање меѓуинституционално етичко тело кое ќе има задача да ги развива и следи заедничките стандарди за сите членки на институциите на ЕУ.

„Етичкото тело ќе постави ‘заеднички, јасни, транспарентни’ етички барања за сите политичари на ЕУ, за подароци, состаноци, декларирање на интереси и имот, споредни активности и работни места по завршувањето на нивните мандати“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Етичкото тело ќе биде одговорно само за промовирање на етичките правила и помагање на институциите на ЕУ да разменат добри практики, додека Канцеларијата за борба против измами на ЕУ (OLAF) и Канцеларијата на европското јавно обвинителство (EPPO) ќе продолжат да ги истражуваат наводните случаи на корупција.

Минатиот декември, ЕУ беше потресена од еден од најголемите корупциски скандали во нејзината историја, кога грчката европратеничка, Ева Каили, беше уапсена од белгиската полиција под обвинение за корупција.

Каили, една од 14-те потпретседатели на Европскиот парламент, беше уапсена откако беше претресен нејзиниот дом поради сомневање дека Катар ѝ платил да лобира за неговите интереси.

Исто така, белгиската полиција заплени 1,5 милиони евра во готовина при десетици претреси во домови и канцеларии.

Приведени се и поранешниот италијански европратеник, Пјер Антонио Панцери, актуелните членови на Европскиот парламент, Андреа Коцолино и Марк Тарабела, како и партнерот на Каили, Франческо Џорџи, кој работел како помошник во институцијата на ЕУ.

Европската комисија во март исто така го разгледа својот правилник за внатрешни работи за патувањата на високи функционери, откако „Politico.eu“ откри дека Хенрик Хололеи, главниот претставник за транспорт на Европската комисија, прифатил бесплатни летови од Катар додека работел на важен договор за воздухопловство.