– Европската Унија (ЕУ) упати закана до технолошкиот гигант Мета со „тешки санкции“ и ја повика компанијата да преземе „итна акција“ за заштита на децата.
„Доброволниот код на Мета за заштита на децата се чини дека не функционира“, истакна преку Твитер еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон.
Тој го повика извршниот директор на компанијата, Марк Закерберг, да „објасни и да преземе итна акција“ и рече дека тие лично ќе разговараат за ова прашање подоцна во текот на овој месец во седиштето на Мета.
Бретон, исто така, ѝ се закани на Мета со „тешки санкции“ доколку не ги почитува правилата на ЕУ по стапувањето во сила на новиот Закон за дигитални услуги.
Тој ги даде овие изјави откако американскиот дневен весник „Волстрит журнал“ откри дека на Инстаграм можеби оперира педофилска мрежа, бидејќи платформата дозволува објавување хаштагови и пребарување на експлицитни клучни зборови.
Ова е втор пат оваа недела извршното тело на ЕУ да искажува остри критики за компаниите на социјалните медиуми.
Еврокомесарката Вера Јоурова во понеделникот изјави дека ЕУ „енергично и итно ќе го испита“ Твитер откако компанијата „избра конфронтација“ со Блокот со напуштање на доброволниот Кодекс на ЕУ за борба против дезинформации.
Со стапување во сила на 25 август, новиот закон на ЕУ за дигитални услуги ќе воведе построги правила за дигиталните платформи.
Компаниите кои нема да ги почитуваат новите стандарди на ЕУ може да бидат казнети со до 6 отсто од нивниот глобален промет.