Жената која ги обвини Епштајн и принцот Ендру за злоупотреба извршила самоубиство

Вирџинија Џуфре беше позната како борец против сексуална злоупотреба и трговија со луѓе.

Вирџинија Џуфре, која ги обвини американскиот финансиер и сексуален престапник Џефри Епштајн и британскиот принц Ендру за сексуална злоупотреба, извршила самоубиство на 41-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство.

Полицијата во Западна Австралија потврди дека службите за итна помош синоќа пронашле безживотно тело во нејзиниот дом во близина на Перт, јавува Си-Ен-Ен.

И покрај обидите за реанимација, на местото на настанот била констатирана смрт. Полицијата соопшти дека нејзината смрт не се третира како сомнителна.

„Со скршени срца ја информираме јавноста дека Вирџинија почина синоќа на нејзиниот имот во Западна Австралија. Таа си го одзеде животот откако цел живот беше жртва на сексуална злоупотреба и трговија со луѓе“, се вели во соопштението.

Џуфре, мајка на три деца, стана јавна во 2019 година кога рече дека Епштајн ја принудил на сексуални односи со неговите познаници, вклучувајќи го и принцот Ендру, кога имала 17 години.

Таа исто така тврдела дека принцот знаел дека таа во тоа време е малолетна. Принцот Ендру постојано ги негираше нејзините наводи.

„Вирџинија беше бестрашен борец против сексуалната злоупотреба и трговијата со луѓе. Таа беше светлина што поддржуваше многу преживеани. На крајот, товарот на злоупотребата беше премногу тежок за неа да го носи“, се вели во семејното соопштение.