Жена извлечена од урнатините шест дена по разорниот земјотрес во Мароко

– Жена е спасена од под урнатините шест дена по разорниот земјотрес што го погоди Мароко и предизвика огромни штети во станбените области, објавија денес тимовите за пребарување и спасување.

Локални извори за Анадолу изјавија дека жената била спасена и извлечена од урнатините на објект во селото Тизи-н-Тест, во провинцијата Тарудант, во централно Мароко.

Преживеаната жена е пренесена со амбулантно возило до теренската воена болница на оддалеченост од 60 километри.

Земјотресот, кој се случи на 8 септември со епицентар во Ел-Хуз, регион поврзан со градот Маракеш, предизвика значителна штета и се почувствува не само во главниот град Рабат туку и во градовите Казабланка, Мекнес, Агадир и Фес.

Земјотресот ги однесе животите на речиси 3.000 луѓе, а илјадници се повредени.