„Жена-мачка“ почина на 85 години! Се обезличи со пластични операции – имаше живот како од филм

Џоселин Вилденштајн, позната по прекарот „Жена-мачка“, почина на 85-годишна возраст.

Џоселин Вилденштајн почина во париски замок поради белодробна емболија. Веста ја потврди нејзиниот партнер, Лојд Клајн, а пренесува „Париз Меч“.

– Лојд Клајн со тага ја објавува веста за смртта на Џоселин Вилденштајн во Париз – се наведува во соопштението што го пренесе Франс прес.

Џоселин последен пат беше видена на 18 декември во Париз, каде што изгледаше здраво и насмеано додека шеташе со својот партнер. Носеше бунда, хеланки и чизми, а нејзината руса коса беше во бранови кои и паѓаа преку рамениците.

„Жена мачка“

Позната по својот специфичен изглед, кој вклучува истакнати мачкини очи и карактеристики налик на лав, Вилденштајн го доби прекарот „Жена мачка“. Оваа Швајцарка се прослави ширум светот по пластичните операции  кои целосно и го променија изгледот и поради кои го доби и прекарот, откако цртите на лицето се повеќе наликуваа на фигурата на ова животно.

Дала илјадници евра за пластична операција

Џоселин одлучила да ја направи првата пластична операција за подигнување на очните капаци уште во 1978 година. Таа и нејзиниот поранешен сопруг Алек Вилденштајн имале заедничка операција една година откако се венчале, но наводно продолжила да се подложува на процедури и кревање на лицето, за кои подоцна тврдела дека нејзиниот сопруг „мразел да биде со стари луѓе“.

Веќе по неколку операции низ годините, лицето на Џоселин и го донесе прекарот „Жена мачка“.

– Рис има совршени очи. А ако ви покажам слики од баба ми, ќе видите слични мачкини очи и високи јаготки – изјавила неколку пати во текот на годините, како што пренесува „Мирор“, тврдејќи дека всушност немала премногу пластични операции, туку дека тоа беше нејзиното „швајцарско наследство“. Таа призна дека имала само една операција вредна повеќе милиони долари за да ги направи нејзините очи уште по „мачкини“.

Џоселин и Алек беа во брак речиси 20 години, за време на кои ги добија синот Алек и ќерката Дајан. Џоселин еднаш се пофали дека како пар секој месец трошат околу милион долари на нивниот раскошен начин на живот. Семејството изгледаше среќно се додека Алек не поднесе барање за развод во април 1997 година.

Бурен развод

Иако ретко даваше интервјуа и продолжи да живее затскриено, минатото лето излезе со тврдење дека е „скршена“. Таа немала приходи осум години откако семејството на нејзиниот поранешен сопруг „ја свртело чешмата“ за разводот.  Таа тогаш, тврдејќи дека нејзиниот сопруг е неверен , добила 2,5 милијарди долари како спогодба, со по 100 милиони доделени за секоја година по разделбата.

Всушност, во интервју за The Sunday Times во јуни 2023 година, таа тврдеше дека Алек, кој почина во 2008 година, се обидел да ја обвини за нивниот неуспешен брак, велејќи дека повеќе не ја препознава својата сопруга поради нејзините чести и големи пластични операции.