Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека голем процент од дипломатите од МНР се именувани за амбасадори. Целата група директори во Дирекцијата на МНР е испратена на места каде што им одговара.
„Мал број се луѓе од општествениот живот кои се надвор од дипломатската мрежа, како што е поранешниот министер за правда Тупанчевски кој оди во Белград, како Илбер Села кој е германски говорник, а завршил во Виена и оди во Берлин. Андреј Жерновски во Букурешт и Емил Крстевски во Прага. Тоа се луѓе надвор од дипломатијата, додека другите се луѓе од МНР“, нагласи Османи.
Тој појасни дека имаат соодветен список на лица во дипломатијата, но и во политичкиот и општествениот живот и верува дека ќе дадат сериозен придонес во надворешното политичко делување на државата.
Кандидатите за нови амбасадори денеска пред Комисијата за надворешна политика, во Собранието, ќе изнесат тези за дипломатски активности, со што ќе се финализира постапката пред нивното заминување во амбасадите.
Државата има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани претставништва и девет се генерални конзулати.