Жерновски: Македонија е во тешка дипломатска изолација

Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ, оцени дека актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ претставува „најлошо владеење“ во историјата на македонскиот плурализам.

„Сведоци сме на драматичен пад на квалитетот на управувањето на сите нивоа, од централната власт, преку локалната самоуправа, па сè до дипломатијата. Резултатите се катастрофални“, изјави Жерновски за ТВ24.

Тој додаде дека и покрај апсолутната контрола на владата, со мнозинство во Собранието, Претседателството и доминација на локално ниво, земјата тоне.

„Имаме пад на економијата, институциите не функционираат, медиумите не се слободни, а надворешната политика е практично нефункционална“, нагласи тој.

Според него, земјата е во тешка дипломатска изолација.

„Немаме амбасадор во НАТО, ниту во Данска, која го презема претседателството со ЕУ. Цела година ниту еден министер од соседните земји од ЕУ не ја посетил Македонија“, нагласи Жерновски.