Многу е важно кога зборуваме за 100-те дена на оваа влада да имаме предвид дека таа ја усвои својата програма, буџет и помина низ две гласања за недоверба, кои беа против јасната политичка цел што си ја постави оваа влада, која е формулирана и која ќе се следи до нејзината успешна реализација, изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков на почетокот на редовната владина седница.
Жељазков им рече на министрите дека за нив е важно многу јасно да ги следат визијата и приоритетите што самите си ги поставиле во програмата за управување. Тој ги советуваше администрацијата да биде извршител на нивната политичка визија.
– Многу јасно комуницирајте со јавноста кои се приоритетите, која е фазата на исполнување, кој е ресурсот, бидејќи единствено во тој дијалог со јавноста се гради или се урива довербата, рече бугарскиот премиер. Кога во далечната 1933 година претседателот Рузвелт во обраќање преку радио ја дава дефиницијата за своето владеење и насоката во која ќе се движи, го воведува и правилото за 100-те дена, потсети Жељазков. Според него, оваа терминологија е натоварена и со многу други историски настани, како на пример 100-те дена на Наполеон.
– Но, 100 дена е термин во кој не е правило да се биде попустлив, туку да се погледне назад и да се види дали власта успеала да го дефинира својот политички капитал и каква е перцепцијата на јавноста, истакна Жељазков.