Жељазков: Северна Македонија треба што поскоро да стане членка на ЕУ со исполнети критериуми за членство
Бугарскиот став останува непроменет дека Република Северна Македонија треба што поскоро да го започне и заврши преговарачкиот процес и да стане полноправна членка на ЕУ како резултат на сопствениот придонес и со исполнување на критериумите за членство, а не врз основа на политичка одлука, смета претседателот на бугарското Собрание, Росен Жељазков.
Тој во интервју за БГНЕС нагласува дека за Бугарија е важен условот „поставен од Европската комисија“ за уставни измени за вклучување Бугарите во македонскиот Устав.
– Ова е апсолутен предуслов за почеток на преговорите. Ова не е наше билатерално прашање, тоа е услов кој е поставен и евидентиран во условите за почеток на преговорите и го следи Европската комисија, изјави Жељазков во интервјуто дадено на крајот на неговата посета на Рим, каде престојуваше по повод празникот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Тој додаде дека на средбите со претставниците на властите на Италија и Ватикан, го повторил ставот на Софија дека земјава ќе стане полноправна членка на Европската Унија врз основа на сопствениот придонес.
– Сметаме дека ќе ги исполнат условите за членство и не треба да губат време, бидејќи најлошо е да се губи време кое ќе се претвори во скептицизам. На Македонците им требаат брзи одлучни акти и решителни одлуки, без да ја бараат причината надвор. Многу е важно причините, намерите и успесите да бидат нивни, додаде Жељазков.
Тој посочи дека на средбите со неговите домаќини му било посочено дека Западниот Балкан е исклучително важен за Италија и за Светата Столица, бидејќи „тоа е регион со потенцијал за историски конфликти“ и дека најдобар начин за решавањето на тензиите е целосна интеграција на балканските земји во ЕУ.
Жељазков додаде дека на соговорниците им пренел оти Бугарија не поставува услови и не го попречува процес на приклучување на земјава во Унијата.
– Условите ги постави Европската Комисија и за нас е важно тие да бидат исполнети, бидејќи се поврзани со правата на Бугарите во Република Северна Македонија, додаде Жељазков.
За време на престојот во Рим, Жељазков беше примен од папата Франциск, а оствари средби и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин и со претседателот на Пратеничкиот дом на италијанскиот Парламент, Лоренцо Фонтана. Во истиот период, во Рим престојуваше и македонска државно-црковна делегација, предводена од собранискиот претседател Талат Џафери. Двете делегации заеднички положија венци пред плочите на бугарски и македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“.