Жителите од високата зона во Кочани и во селото Бели трет ден се без вода за пиење поради сериозен дефект на градската водоводна мрежа.
Причина за прекинот во водоснабдувањето е оштетување на главната доводна линија што поминува под Кочанска Река, а високиот водостој во речното корито предизвикал кинење на металната цевка во близина на пешачкиот мост кај градскиот пазар.
-Оштетувањето е лоцирано и веќе се преземаат активности за отстранување на дефектот. Неопходно е да се сврти текот на водата во реката за да може да се пристапи до местото каде што е дефектот. Со оглед што се работи за сериозен зафат, засега не може со сигурност да се каже кога ќе биде поправено оштетувањето, информираа од стручните служби во комуналното претпријатие „Водовод“.
Дефектот настанал во саботата попладне, по што без вода останале жителите во населбите Драчевик и Варница, и на улиците „Скопска“, „Охридска“, „Бел Камен“, „Коста Рацин”, „Ударничка”, „Шукри Шаин” и „14 Бригада” во Кочани, како и сите корисници од селото Бели.
Од Територијалната противпожарна единица и од Доброволното противпожарно друштво од Кочани информираа дека се подготвени со цистерни да обезбедат вода за граѓаните ако прекинот потрае подолг период.