– Жртвите на неколкумесечните напади на Израел врз Газа поднесоа кривична пријава против највисоките функционери на германската Влада за поддршката на израелските воени злосторства и „геноцид“ врз Палестинците.
„Поднесуваме кривична пријава против германските владини претставници за кривичното дело помагање и поттикнување геноцид врз палестинскиот народ во Газа преку обезбедување оружје на Израел и издавање соодветни дозволи за извоз“, изјавија адвокатите на жртвите од Газа на прес-конференција во Берлин денес.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, министерката за надворешни работи Аналена Баербок, министерот за одбрана Борис Писториус и министерот за економија Роберт Хабек се обвинети за „соучесништво во геноцидот во Газа“ со поддршка на израелската воена офанзива и одобрување извоз на оружје за Израел во вредност од 326 милиони евра.
Надија Самур, една од адвокатите, која поднесе кривична пријава до федералните обвинители во Карлсруе, југозападна Германија, рече: „Нашите влади во Европа имаат законска обврска да не му даваат на Израел каква било поддршка во извршувањето на сегашниот геноцид врз палестинскиот народ во Газа. Ова мора да престане и тоа е она што се надеваме дека ќе го постигнеме со одење на суд. Оваа тужба испраќа јасна порака до германските власти: не можете да продолжите да бидете соучесници на таквото злосторство без последици. Сакаме одговорност.“
Самур рече дека привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата јасно покажала дека постои основа за првично сомневање кога станува збор за злосторството геноцид врз палестинскиот народ во Газа.
Таа потсети на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 26 јануари со која ѝ се наложува на израелската Влада да го запре геноцидот и да преземе чекори за да им дозволи на цивилите во Газа да добијат хуманитарна помош.