Многу држави се обидуваат да го забранат пушењето во автомобилите, а се чини дека друга може да се приклучи на листата,
Западна Вирџинија би можела да стане 12-та американска држава која ќе го забрани пушењето во автомобили со деца.
Државниот Сенат усвои нацрт-закон со кој се наметнуваат казни за секој што ќе биде фатен како пуши или „поседува запален тутунски производ“ во возило во кое е присутен некој од 16 години или помлади.
За предлог-законот гласаа 25 сенатори, осум беа против, а предлог-законот ќе го разгледува Домот на делегатите, каде што не е сигурно како ќе оди, пренесува АП.
Предлог-законот предлага парична казна од 25 долари и соочување со кривична пријава, но тоа би требало да биде т.н. „секундарен прекршок“, бидејќи пушењето со деца во возилото нема да биде доволна причина да се запре возачот на патот.
Водачот на мнозинството во Сенатот, Том Такубо, рече дека одамна му ветил на пациент чиј татко бил тежок пушач дека ќе се обиде да го забрани пушењето во возилата со деца. Од друга страна, сенаторот Мајк Азингер рече дека државата нема право да ги нарушува слободите на родителите.
„Аргументите за предлог-законот во суштина се емотивни аргументи“, рече Азингер.
Истражувањата покажуваат дека Западна Вирџинија има најголем процент на пушачи во споредба со која било друга држава, со најголем број меѓу населението на возраст од 45 до 64 години.
Пушењето во возило со деца е веќе забрането во Алабама, Арканзас, Калифорнија, Делавер, Илиноис, Луизијана, Мејн, Орегон, Јута, Вермонт и Вирџинија.