ЗАВРШИ ДВОДНЕВНИОТ САМИТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА – Еве по што се разликува од останатите и зошто многумина го нарекуваат историски
Во Брисел претходниот ден заврши дводневниот Самит на Европската унија, кој многумина веќе го нарекуваат историски, а на кој уште првиот ден беше донесена одлука за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија и за доделување кандидатски статус на Грузија.
Кога станува збор за Балканот односно за Босна и Херцеговина, лидерите на ЕУ одлучија дека преговорите ќе бидат отворени кога таа земја ќе ги исполни критериумите и побараа од Европската комисија до март следната година да поднесе извештај за степенот на усогласеност на БиХ со критериумите за членство, со цел да се направи таква одлука.
Одлуката за отворање преговори со Украина уште на првиот ден од Самитот беше малку изненадувачка, бидејќи Унгарија најави дека ќе стави вето на отворањето на пристапните преговори со Украина.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, сепак, ја напушти салата во моментот кога се гласаше за одлуката, која им овозможи на останатите 26 лидери да дадат зелено светло за отворање на преговорите со Украина.
Виктор Орбан порача дека се обидел да ги убеди другите лидери на ЕУ да не го ставаат на дневен ред прашањето за пристапните преговори на Украина, но дека е невозможно да ги убеди и одлуката за отворање преговори ја нарече „лоша“.
Виктор Орбан, сепак, го искористи правото на вето при донесување одлука за финансиска поддршка за Украина и на тој начин го спречи Киев да добие 50 милијарди евра од ЕУ.
Европскиот совет синоќа ги објави заклучоците за Украина, проширувањето и реформите, во кои ја потврди целосната и недвосмислена посветеност на европската перспектива на Западен Балкан во ЕУ и повика на забрзување на пристапниот процес.
Европските лидери изјавија и дека ги добиле изјавите на Европската комисија за новиот план за раст на Западен Балкан, чија цел е да се забрза социо-економската конвергенција меѓу Западен Балкан и ЕУ.