Речиси инстантно откако Управниот суд ја објави пресудата со која разрешувањето на поранешната претседателска на Судскиот совет, Весна Дамева, е незаконско, таа се врати на челото на оваа институција од каде беше отстранета лани во мај.
Претпладне колегиумот, а попладне Судскиот совет на итна седница се состана за да ја разгледа оваа пресуда и да постапи по неа. Во текот на денот Сашко Георгиев поднесе оставка како претседател и со тоа беше овозможено брзо враќање на функцијата на Дамева.
На итната седница имало две точки – оставката на Георгиев, а потоа постапувањето по пресудата на Управниот суд.
Георгиев во своето излагање покрај ретроспективата за неговото назначување и искуството како претседател, нагласи дека неговото назначување воопшто не е дел од пресудата на Управен суд.
„Вчера ја добивме одлуката од Управен суд. Сметам дека е потребно да истакнам дека мојот избор за претседател не е воопшто предмет на оваа пресуда“, рече тој. Георгиев нагласи дека немал никакви притисоци и влијанија, и како што рече, „исклучително совесно, професионално и одговорно работев и го претставував Советот“.
Заменик-претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели рече дека нема да расправаат по одлуката на судот, односно дека со поништувањето на разрешувањето на Дамева, на сила е претходната одлука со која таа е избрана за претседател на Судскиот совет. Зендели најави дека на следната седница ќе преседава Дамева, која ќе одлучи кога таа ќе биде закажана и со кој дневен ред. Дамева во мај поднесе и кривична пријава до обвинителството за сторено продолжено кривично дело злоупотреба на службената должност и овластување.
Во изјавата за медиумите по седницата Весна Дамева рече дека верува оти пресудата на Управниот суд е почеток на враќање на довербата во судството.
Така заврши продолжената конфузија во траење од седум месеци по неочекуваната и драматична смена на Весна Дамева. Овој судски пуч ѝ нанесе голема штета на државата во меѓународни рамки, предизвика лоши оценки во Извештајот на Европската комисија, остри реакции на неколкумина странски амбасадори, како и гнев и на обичната и на експертската јавност. Како последица на ова ЕУ испрати и Оценска мисија која даде 40 препораки за реформа на Судскиот совет.
Денеска премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање рече дека се согласува со оценката на амбасадорите кои рекоа дека Судскиот совет станал нелигитимно тело.
Управниот суд во пресудата што беше објавена денеска оцени дека разрешувањето на Дамева било незаконско поради повреда на правилата на постапката ниту пак е наведено образложение зошто е сторено тоа.
Судот понатаму ги наведува одредбите што Судскиот совет морал да ги испочитува од Законот за општата управна постапка, Законот за Судски совет итн, а во врска со начинот на донесување на управната одлука и нејзината содржина, што Судскиот совет не го испочитувал. Управниот суд наведува и како се води постапката за дисциплинска одговорност за член на Судскиот совет, што исто така во случајот со Дамева не е испочитувано.
Во дел од образложението се вели:
„Ченовите на Советот со право на глас во вршењето на функцијата се еднакви во правата и обврските. Во конкретниот случај, Судот најде дека образложението на оспорената одлука е нејасно, односно тужениот орган не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти кои упатуваат на донесување на онаква одлука. Имено, во образложението тужениот орган само навел дека со мнозинство на гласови била изгласана недоверба тужителот како претседател на С.С., по што и била донесена Одлуката за разрешување со мнозинство гласови од присутните членови со право на глас. Во истото не се наведени ниту причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата од сега тужителот не биле земени во предвид, ниту се наведени законски одредби, по кои била спроведена постапката која претходела на донесувањето на оспорената Одлука, со оглед на тоа дека истиот само се повикува на член 38 од Законот за Судскиот совет, со која одредба само се регулира работата на седници на Совет“, наведува Судот.