Заврши општата расправа за предлогот за избор на Светлана Жупаноска за член на Советот на јавни обвинители
Собранието во рамките на попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 117-тата седница ја заврши општата расправа по предлогот за избор на Светлана Жупаноска за член на Советот на јавни обвинители. Гласањето ќе биде дополнително закажано.
Во текот на расправата најчесто говореа пратеници од опозицијата кои посочија дека номинацијата и именувањето на анонимни правници за обвинители по партиски налог нема да придонесе за зголемување на довербата во Советот на јавни обвинители и воопшто во судството. За Жупаноска, која е судски соработник, рекоа дека не е ниту професор на универзитет, ниту, пак, адвокат, а најмалку е истакнат правник какви што се критериумите за избор на член на Советот на јавни обвинители. Побараа на нејзино место да биде предложен некој професионалец.
– Ниската доверба од само три проценти е доказ за ова што го зборуваме, рече Даниела Христова од ВМРО-ДПМНЕ.
Марија Петрушевска од истата партија посочи дека на народот му е доста од партиски решенија во судството и јавното обвинителство.
– На сите ни е јасно дека ваквите кадровски решенија никогаш нема да застанат на страната на одбраната на правото ни на страната на доброто владеење и нема да придонесат за подобрување на институциите, туку исклучиво ќе му служат на ова владино мнозинство, рече Петрушевска.
Собранието попладнево ја заврши и општата расправа по Предлог-одлука за објавување јавен конкурс за избор на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и за Предлог-одлуката за објавување јавен оглас за именување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, поднесени од пратеникот Марија Георгиевска. И за двете одлуки ќе се гласа дополнително.
По завршувањето на расправата за овие две точки, за кои никој не беше пријавен за збор, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата и најави дека за нејзиното продолжение пратениците дополнително ќе бидат информирани.