Со исказот на поранешниот вработен во Државниот завод за ревизија и членовите на Комисијата за јавни набавки на општина Струга, заврши сослушувањето на сведоците во судскиот случај против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за набавка на автомобилот „ауди А6“. На следното рочиште закажано за 9 јуни во Основниот суд Струга, обвинетиот треба да ја изнесе својата одбрана, по што ќе следуваат завршните зборови на бранителот, јавниот обвинител и изрекувањето на пресудата.
„На денешната седница ги исцрпивме вербалните докази кои судот ги прифати, а беа изведени и материјални докази. Сега останува да се види целосната документација, да се даде можност на одбраната и на обвинителството да ги подготват завршните зборови, а на следната седница случајот ќе биде завршен“, изјави судијата Јордан Јованов, предвидувајќи епилог на случајот во јуни годинава.

Пензионерката Лилјана Стојанова, тогаш вработена во Државниот завод за ревизија, објасни дека во услови на блокирана сметка, претседателот на Основниот суд донел решение за најпотребните трошоци и функционирањето на Општината. Во ноември 2017 година, како што додаде, таа одлука беше изменета и беше одобрен месечен лимит за Општината од над 50 милиони денари, што значи дека за сите 12 месеци буџетот би изнесувал 605 милиони, надминувајќи го редовниот годишен буџет.
Како сведоци се појавија и претседателот на Комисијата за јавни набавки на општина Струга, Алија Ајдиновски и заменик членот Ерканда Баута. Според нив, постапката за набавка на четири возила, меѓу кои и „аудито“, била спроведена согласно Законот за јавни набавки, по одлуката на Советот на општина Струга да обезбеди средства во буџетот за таа намена. Ајдиновски нагласи дека на тендерот имало две понуди и дека е избрана најповолната.
Баута, пак, која беше член на Комисијата за продажба на стари општински возила, кои, според неа, не биле функционални, истакна дека на општината и се потребни нови возила и дека и претходниот возен парк го сочинувале скапи возила.
Одбраната на Мерко смета дека во овој случај нема докази за неправилности при набавката на автомобилот „ауди А6“.
Сведоците кои претходно имаа конкретни оправдувања за неприсуство на рочиштето, по наредба на судијата денеска беа донесени во струшката судска палата.
Во струшкиот суд денеска е закажано рочиштето за поставување на спомен-плочата на влезот во општинската зграда, кое е во фаза на изведување усни докази за обвинителниот акт.