Германските специјалци ја завршија проверката во училиштето во Хамбург каде денеска околу 11 часот се претпоставуваше дека двајца малолетници со пиштол и’ се заканувале на наставничката.
Медиумите јавуваат дека се работи за момчиња на возраст од 12 до 16 години, кои по нападот исчезнале без трага. Не се знае дали се ученици на тоа училиште или на некое друго.
По пријавата, целата област веднаш била блокирана од специјалци, кои влегле во училиштето и почнале да проверуваат.
Некои ученици биле евакуирани, а другите биле заклучени во училниците и само на припадниците на полицијата им било дозволено да влезат во просториите, по што вратите повторно биле заклучени.
Околу 15 часот и 30 минути по локално време полицијата соопшти дека претресот во училиштето е завршен, но не даде повеќе информации дали осомничените се пронајдени или во бегство, ниту дали воопшто имало напад.