Заврши „Фолк фест Валандово 2025“ – Гран при за Сузана Гавазова и Љубчо Ѓоргиев со дуетот „Љубовта да расцути“ (видео)
Заврши 38. издание на „Фолк фест Валандово 2025“, а големата награда – Гран при – заслужено ја освоија Сузана Гавазова и Љубчо Ѓоргиев со дуетската песна „Љубовта да расцути“. Композицијата е авторско дело на Миле Барбаровски (музика), Ѓорѓи Барбаровски (текст) и Дарко Илиевски (аранжман), а доби најмногу гласови од стручното жири и публиката.

Фестивалската вечер се одржа пред преполната сала „Јанко Узунов“ во Валандово и беше пренесувана во живо на МТВ 1. На сцената настапија 22 нови фолк-композиции, а публиката уживаше во настапите на еминентни фолк-ѕвезди како Блага Петреска, Ефто Пупиновски, Смиља Митровска, Горан Тодоровски и други.
Второто место го освоија Благоја Грујовски и Василија Петрова со песната „Што си ветивме“, додека третата награда отиде кај Смиља Митреска за изведбата на „Дојди“.
Наградата за најдобар дебитант ја доби Чеде Спасиќ со песната „Наздрави пријателе“, а за најдобра интерпретација беше прогласена Јованка Јо со „Што љубов беше“. Посебно признание за животно дело постхумно му беше доделено на Гоце Арнаудов за неговиот придонес во македонската музика.
Фестивалот заврши во весела атмосфера, со надеж дека следната година повторно ќе се одржи во Валандово, градот на калинките, со уште поголем ентузијазам и љубов кон македонската фолк музика.