Загрозени се речиси две милијарди луѓе! Еве ги ефектите од недостаток на јод во телото

Според Светската здравствена организација, дефицитот на јод е водечка причина за оштетување на мозокот во детството, што доведува до нарушување на когнитивниот и моторниот развој.

Недостатокот на јод за време на бременоста предизвикува сериозни проблеми во разбирањето и читањето, слаба концентрација и намалена меморија подоцна во животот кај децата. Неопходно е трудниците да консумираат доволно јод преку исхраната, бидејќи јодот е клучна хранлива материја во процесот на развој на фетусот, особено во однос на невролошкиот развој, потсетува СЗО.

Ниските нивоа на тироидните хормони се поврзани со депресија и анксиозност. Ниските нивоа на хормоните Т3 и Т4 негативно влијаат на нивото на серотонин и допамин. Сите овие невротрансмитери влијаат на сознанието, заморот, однесувањето и расположението.

Најновата глобална проценка на СЗО е дека 1,88 милијарди луѓе, вклучително и 241 милион деца на училишна возраст, имаат недоволен внес на јод во нивната исхрана. Недостатокот на јод подеднакво ги погодува и развиените и земјите во развој (Andersson M, Karumbunathan V, Zimmermann M. – Глобален јоден статус – Journal of Nutrition).

Токму поради овие штетни ефекти врз развојот на мозокот, 58-то Светско здравствено собрание усвои резолуција со која се повикува на обновени напори на меѓународната заедница, вклучително и СЗО и УНИЦЕФ, за справување со дефицитот на јод преку јавна едукација и развој на силна посветеност од властите за јавно здравје.

Како да се обезбеди правилен внес на јод?

Светската здравствена организација препорачува возрасно лице, за да ги задоволи дневните потреби за јод, да консумира околу 150 микрограми јод, додека на трудниците им се препорачува двојно повеќе, 300 микрограми.

Јодот не може да се произведува во телото и мора да се консумира секојдневно преку исхрана. Најбогати со јод се храната од морско потекло (особено треска, лосос, алги, ракови и школки).