Првата транша вредна околу 11 милиони евра, од средствата наменети за поддршка на компаниите обезбедени со унгарскиот заем, ќе биде исплатена задутре, односно средствата од централниот буџет ќе бидат префрлени во Банката за развој, најави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа во изјава за медиумите во Будимпешта нагласи дека побарувачката од компаниите за искористување на средствата е неколкукратно поголема од износот на кредитот и дека средствата се достапни за сите компании.
„Согласно условите поставени од Владата, сите компании имаат право на пристап до овие средства, со исклучок на оние кои се занимаваат со производство на алкохолни пијалоци, производство или трговија со тутун, како и активности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија“, рече министерот, додавајќи дека нема директен увид во одлуките на банките, за тоа кои проекти може повторно да се разгледаат, да се поддржат апликациите билансите на компаниите.
Таа се фокусираше и на делот од заемот што е повлечен од Унгарија за поддршка на општините и изрази задоволство од реализацијата на овие средства.
Очекувам дека ќе имаме одлична реализација со оглед на тоа што имаме изборна година и дека секој градоначалник без разлика на која политичка партија припаѓа ќе сака брзо да ги реализира проектите за кои ќе аплицира“, рече министерот.
Министерот за финансии вчера и денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министри од Владата учествуваше на Македонско-унгарскиот самит во Будимпешта.