Запленети 5,5 тони кокаин во Карипското Море, колумбиската морнарица учествувала во операцијата

Воената морнарица на Колумбија, со поддршка на воздухопловните сили, како и властите на САД и Панама, заплени околу 5,5 тони кокаин во Карипското Море, што е најголемата пратка на оваа дрога оваа година, соопшти денеска морнарицата.

Морнарицата не откри повеќе детали за операцијата и истрагата. Властите на таа јужноамериканска земја минатата година заплениле 671 тон кокаин, соопшти колумбиското Министерство за одбрана.

Колумбија е најголемиот светски производител и извозник на кокаин, дел од таканаречениот „Андски триаголник“ кој ги вклучува Колумбија, Перу и Боливија, земјите во кои се наоѓаат повеќе од 90 отсто од плантажите на кока во светот.

Колумбискиот претседател Густаво Петро минатиот септември изјави дека неговата влада ќе вложи максимални напори да ги убеди одгледувачите на кока да ја заменат со други профитабилни култури, бидејќи сегашната политика против дрогата не успеа и треба да се промени.