Започната е нова потрага по авионот МХ370 на „Малезија ерлајнс“, повеќе од десет години откако исчезна, што останува една од најголемите мистерии во историјата на воздухопловството. Малезискиот министер за транспорт Ентони Локе кажа дека американско-британската поморска истражувачка фирма „Оушн инфинити“ продолжила со потрагата.
„Колку долго ќе трае потрагата, засега не е договорено“, кажа Локе.
МХ370 исчезна од радарот набргу по полетувањето од Куала Лумпур во март 2014. Авионот летал за Пекинг со 227 патници и 12 члена на екипажот. Тој никогаш не бил пронајден, а причините за исчезнувањето остануваат непознати.
Малезија во декември 2024 се согласи да продолжи потрагата, при што било договорено „Оушн инфинити“ да не добие никаков надомест ако авионот не биде лоциран. Пловило на „Оушн инфинити“ првпат било забележано во Индискиот Океан на 23 февруари.
Австралија, чии осуммина државјани беа во авионот, кажа дека нема да биде дел од новата потрага. Во јануари 2017, австралиските власти го завршија речиси тригодишното подводно пребарување на 120.000 квадратни километри во јужниот дел на Индискиот Океан.
Меѓу прашањата што остануваат се зошто авионот направил навидум контролирано свртување кон Индискиот Океан и зошто два клучни уреда за комуникација и следење во авионот замолкнале.