Започна имплементацијата на „One-stop-shop” на границата помеѓу Македонија и Албанија

 – Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама, денес, на заеднички настан го пуштија во употреба концептот „One-stop-shop“, заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане.

Според владиното соопштение, на настанот на кој присуствуваа министри во двете влади, пратеници, како и највисоки претставници на институциите за царинско управување на двете земји, се обратија премиерите Ковачевски и Рама, како и вицепремиерите Груби и Балуку.

Во своето обраќање Ковачевски ги истакна конкретните чекори од страна на двете влади, во насока на поврзување на граѓаните и на економиите на двете земји.

Ковачевски рече дека проектот „One-stop-shop” е уште една потврда за заложбите на Владата на Северна Македонија и Владата на Албанија за зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал не само меѓу нашите две земји, туку и меѓу земјите на Западен Балкан.

„Денес овозможуваме побрз проток на нашите граѓани, помеѓу двете држави и побрз проток на компаниите што транспортираат производи на најголемиот граничен премин помеѓу двете држави. Овозможувањето проток на луѓе и капитал истовремено ги зголемува и врските помеѓу луѓето, комуникацијата помеѓу луѓето. Го зголемува и дружењето помеѓу луѓето, нешто што цел половина век недостасуваше помеѓу Албанија и во тоа време Македонија. Денес сето тоа е минато и денес ние претставуваме пример како треба да се однесуваат две соседни држави“, додаде Ковачевски.

Според него, со ова се олеснува работата на 11 илјади компании од Северна Македонија што се ориентирани кон извоз, и кон трговија со други држави.

„На овој начин означуваме полесен пристап до пристаништата во Албанија. На овој начин овозможуваме полесен пристап и до туристичките места во Албанија, меѓутоа и до туристичките места во Северна Македонија. Најубавите се тука токму на неколку километри од овој граничен премин“, рече Ковачевски.

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, во своето обраќање најави дека по денешниот успешен проект, Владата ќе продолжи со активности и на другите гранични премини.

„Добрососедските односи поттикнаа повеќе процеси што донесоа повеќе придобивки од непосреден интерес на граѓаните во регионот. Северна Македонија и Албанија не се само две пријателски земји, двете држави негуваат одлични политички односи и споделуваат исти надворешно-политички приоритети и цели“, се додава во соопштението.