Средбата на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган започна во резиденцијата Бочаров Ручеј во црноморското одморалиште Сочи.
На видеото што РТ го објави на социјалните мрежи може да се види дека Путин го пречека Ердоган пред резиденцијата, по што се ракуваа и влегоа внатре.
Ројтерс пренесува дека претседателот на Турција ќе се обиде да го убеди шефот на Кремљ да ја врати Русија на договорот за извоз на украинско жито преку пристаништата на Црното Море.
Овој договор беше постигнат во 2022 година со посредство на Анкара и ОН, а Москва одлучи еднострано да го напушти во јули оваа година.
Британската агенција наведува дека договорот помогнал да се ублажи глобалната криза со храна.
Претходната средба меѓу Путин и Ердоган исто така беше одржана во Сочи на 5 август минатата година.
Политико вчера објави дека враќањето на Ердоган во тој град претставува ретка посета на Русија од страна на лидерот на една земја од НАТО од почетокот на сеопфатната војна што ја започна Москва во Украина.