– Бројни љубители на документарниот филм се собраа вечерва во Куршумли-ан во Старата скопска чаршија, каде започна 14. издание на креативниот документарен филм „МакеДокс“, кој се одржува од 17 до 24 август.
Годинава, фестивалот се одржува под мотото #пресечи (#cutit), додека тематски фокус на фестивалот е монтажата на документарните филмови.
Според најавеното, на фестивалот ќе бидат проектирани околу 75 документарни филмови, а најавено е присуство на над 100 странски гости.
Како што кажаа организаторите, фестивалот ќе се одржи на 4 локации: Куршумли-ан, платото на Музеј на Македонија, Младинскиот културен центар и Сули-ан, додека мастеркласовите ќе се одржат во Даут-пашин амам.
Фестивалот се отвори со филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон од Франција и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб од Германија.
Филмската програма на 14. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории: Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програма за деца и младинци.
Годинава, фестивалот „МакеДокс“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, како и повеќе други организации и фондации, меѓу кои и Институтот „Јунус Емре“ од Скопје.