Засекогаш заедно – Протест во Тирана за ослободување на тројцата косовски полицајци и поддршка за Косово
Тирана, 17 јуни 2023 (МИА) – Под мотото „Вчера, денес, утре, засекогаш заедно“ синоќа по 19 часот група граѓани одржаа протест пред владата во Тирана.
Насобраните граѓани носеа знамиња на Албанија, Косово и на ЕУ, пееја традиционални албански песни, носеа плакати со натпис „сакаме обединета нација“ и извикуваа „Митровица е Албанија“ и „да ги ослободиме нашите браќа“.
-Бараме Албанците да бидат добро каде и да живеат, како на пример во Косово, Македонија. Состојбата на север нè погоди, на Албанците таму не им е добро. Сакаме државата да заземе став за поддршка на косовските Албанци. Како Албанец, чувствувам дека Албанците треба да бидат добро каде и да живеат. Мора да останат обединети, дури и во Митровица, да се борат против неформалноста што е таму, рекол еден од демонстрантите за АТА.
-Да го кренеме гласот за да ги заштитиме нашите браќа и да дадеме поддршка на државата сестра, рекол друг.
-Протестот, кој мина мирно е да се искаже поддршка за Косово во однос на последните случувања таму и незадоволство од одлуката на албанскиот премиер Еди Рама да го откаже одржувањето на заедничката седница со косовската влада што требаше да се одржи во средата во Ѓаковица-Косово, наведува Топ чанел.
Според истиот извор на протестот учествувале и ВИП личности меѓу кои Весна Лума, Биг Баста и Клодиана Шаља.