Засилен е тимот обвинители што истражува во Кочани, издадени наредби за пребарување сервери во Економија
Јавнообвинителскиот тим што го формираше Коцевски за истрагата на трагедијата во Кочани сега брои девет члена. Од дополнителние наредби издадени синоќа, една е за градолошко вештачење на потписи на одредена документација
Како што најави вчера државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, обвинителскиот тим кој работи на истрагата за утврдување на причините за трагедијата во Кочани од утрово е проширен за уште тројца.
Така, како што соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, сега тимот го сочинуваат двајца обвинители од Основното јавно обвинителство Кочани, двајца од Основното јавно обвинителство Штип и петмина Обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.
Засилувањето на јавнообвинителскиот тим, како што изјави синоќа Коцевски и поради тоа што има доста работи коишто треба да се проверуваат и испитуваат и да се собираат докази.
Од Јавното обвинителство, утрово, исто така информираа и дека синоќа биле издадени повеќе дополнителни.
„Вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија, како и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Оттаму додаваат дека увидот во ноќниот клуб во Кочани во кој животите ги загубија 59 лица продолжува денеска.
Инаку, од Обвинителството утрово информираа и дека во текс се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“.
За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.
Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.
Како што соопшти синоќа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, досега се сослушани над 20 лица, меѓу кои и еден од организаторите на настанот, а потврди дека на информативен разговор бил повикан и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.
Како што изјави синоќа државниот јавен обвинител, станува збор за сложен предмет и има многу работи што треба да се испитуваат. Досега се преземени низа активности – наредби за обдукција на жртвите, наредби за преземање мерки до МВР и БЈБ за апсење на секое лице кое со своето постапување или не постапување придонело за настанот и да се испита неговата улога, наредба за анализа на одземени предмети, предлог за издавање наредба за одземање видео снимки од безбедносни камери, предлог за издавање наредба за привремено одземање документација на правниот субјект, барање за претрес во дом и други простори и барање за меѓу институционална соработка до ОЈО ГОКК.
Миниистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вчера изјави дека локалот во Кочани немал задолжителна лиценца од Министерството за економија за да ја врши дејноста што ја вршел. Тошковски кажа дека лиценцата била „нелегална“, а Мицкоски подоцна ја опиша како „фалсификувана“, но со оригинален печат и потпис од тогашните „одговорни лица“, за што било земено мито.
На прашање на „360 степени“, премиерот ја покажа фалсификуваната лиценца и кажа дека е издадена на 13 март 2024 година. Кажа дека под архивскиот број кој стои на лиценцата, во архивата на Економија, има комуникација со странски инвеститор.
На прашање на нашиот репортер дали станува збор за лиценца за кабаре, премиерот одговори потврдно. Ова е важно затоа што лиценците за кабаре се издаваат со важност од една година и значат можност за работа и по 1 часот по полноќ. Премиерот ја потврди и констатација дека независно што била нелегална, во моментот на пожарот лиценцата била веќе истечена. На прашањето дали ќе биде резрешен директорот на Државниот пазарен инспекторат затоа што локалот работел со лиценца која била не само фалсификувана, туку и истечена, премиерот ја отфрли одговорноста на ДПИ и кажа дека инспекторатот не е надлежен 365 дена во годината да врши надзор во објектите. Инаку, сега, после настанот, токму Владата го задолжи Државниот пазарен инспекторат да ги провери сите лиценци во следните три дена.